ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

На патеката „Климе Савин“ денеска ќе се одржи 36. Охридски пливачки маратон

Охрид, 26. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска од 10:00 часот од Св. Наум ќе започне 36 издание на Охридскиот пливачки маратон.

Во водите на Охридското Езеро на патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри ќе пливаат 15 натпреварувачи од шест држави, меѓу кои 6 се од Македонија.

– Аргентина учествува со двајца пливачи, Италија со тројца, Турција со двајца, Холандија и Франција со по еден пливач и домаќинот Македонија со шест пливачи. Девет пливачи се во машка, а шест во женска конкуренција. Наградниот фонд изнесува 12.000 евра распоредени се за прво место 2.500 евра, за второ 1.500 и трето место 1.000 евра. Новина оваа година се два летечки спринта со награда од по 500 евра во машка и женска конкуренција, рече Ристе Јанкоски координатор на организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон.

Наградите на најдобрите ќе им бидат врачени вечерва од 20:00 часот на платото пред хотелот „Палас“, за каде е предвидена и културно уметничка програма со КУД „Отекс“ и ансамбл „Билјана“, а присутните ќе уживаат и во традиционална храна.

Во програмата на Охридскиот пливачки маратон е и младинската работилница на Програмата за развој на Обединетите нации и ССОУ „Св. Кирил и Методиј“ што ќе започне во 14:00 часот на Кеј Македонија.

Охридскиот пливачки маратон е во техничка организација на Клубот за спортови на вода „Охридски Бранови 2008“, а покровител и поддржувач на настанот е Општина Охрид, Агенцијата за млади и спорт и Националната пливачка федерација. Во организацијата на маратонот ќе бидат вклучени и претставници на Капетанија Охрид, Езерската полиција Охрид, СВР Охрид и Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука