Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Дадо Топиќ на „Охрид фест“: Сите јубилеи ќе ги прославам во Македонија

Охрид, 29. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Легендарниот Дадо Топиќ („Македонија“, „Дали знаш да те волим“, „Елизабет“, „За који живот да се родим“…) на јубилејното издание на „Охрид фест“, во Интернационалната вечер на 2. септември, ќе ја добие наградата за ширење музика на Балканот.

Инаку, ова е интересна година – „Охрид фест“ ќе го има 30-то издание, песната „Македонија“ одбележува 50 години постоење, а Дадо на 4. септември полни 74 години и сите овие убави поводи ќе ги прослави токму кај нас, во Македонија.

– Со голема радост доаѓам во Македонија, во Охрид, вели Дадо. – Не можете ниту да сфатите колку луѓето ја сакаат Македонија и колку знаат за неа, за македонската убавина, естетиката, хармонијата на ритамот и јазикот. Македонија има свој идентитет во музиката. Одамна не сум бил кај вас, ми значи поддршката од топлиот југ, се радувам на средбата со публиката. Патем, Копров ми кажа дека има песна за мене, значи можна е и соработка, а „Охрид фест“ е фестивал на кој му посакувам уште толку години, додава Топиќ.

Во Интернационалната вечер ќе ја изведете легендарната „Македонија“ песна која со ист интензитет трае веќе 5 децении.

– Луѓето го препознаваат македонското, има многу македонци во целиот свет, и сите тие првин ја бараат „Македонија“. Инаку, уште како мал ги засакав македонските песни, како дете ги слушав, ми се врежаа во меморијата а резултат на тоа е песната „Македонија“ која е мега слушана на сите континенти. Јас само го напишав текстот и музиката, а се`друго направија луѓето, тие не даваат да се заборави. Затоа и трае 5 децении.

Имате континуирана кариера, постојано патувате, настапувате. Што ќе направите прво откако ќе стигнете во Македонија?

– Не останаа многу музичари од мојата генерација а јас ете имам кариера во континуитет. Фала му на Господ, здравјето добро ме служи, па ќе бидам на пат се додека ме бараат…А штом ќе стигнам во Македонија се знае: и јас не сум имун на вашата кујна, ќе уживам во македонските специјалитети, превкусен зеленчук, салати, тавче гравче, пинџур, и само тоа го јадам, вели Дадо. (Крај)

извор: Охрид Фест фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука