Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Јаневски: Со чартер линиите за Охрид и југозападниот регион се зголеми просечниот престој на странските туристи

Скопје/Охрид, 3. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во 2023 година успеавме да го зголемиме просечниот престој на странските туристи, бидејќи традиционалните пазари веќе се во добра кондиција, кога се чартер линиите за Охрид и југозападниот регион, но тоа што во овој момент треба да го подобриме е градот Скопје кој треба да пулсира во текот на 12 месеци и како бизнис центар, порача директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој напомена дека ние како дестинација сме дестинација без море и дестинација за четири сезони.

– Треба да се фокусираме на повеќе нешта. Треба да се фокусираме на поголем просечен престој на странските туристи. Тоа може да се направи само со намалување на кружните патувања на некој начин, односно додавање на еден ден повеќе во дестинацијата, а исто така и со пакети од три, пет и седум дена на големи тур-оператори кои треба да ја сервисираат нашата дестинација, истакна Јаневски.

Според него во првите пет перцепции на странските туристи за нивниот мотив е руралниот туризам.

– Еногастро концептот којшто е во подем, бидејќи сме 13 во свет по извоз на вино, а 22-ри по производство. Природата, националните паркови, културното и историското богатство се нашите јаки страни. Всушност Македонија е последната неоткриена дестинација во Европа и треба да ја откриеме на свој начин, на начин на којшто луѓето од странство треба да не доживеат. Тоа на што ние треба да се фокусираме, е да направиме нова реорганизација во туристичката индустрија. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот веќе има преземено доволно ингеренции и уште повеќе од колку што во моментот кога е создадена во 2008 година. Всушност потребни се дестинејшн-менаџмент организации на локално ниво, бидејќи се покажа дека голем број на општини не го перцепираат туризмот, немаат никакви стратегии коишто се на локално ниво или немаат истражувања колкав е уделот на туризмот, во нивната локална економија. Локалниот економски развој може многу повеќе во туристичката индустрија – со развојот на еко-туризмот, со развојот на руралниот туризам. Ние имаме ниска сезоналност, ние имаме големи пикови, имаме пополнетост на сместувачки капацитети, но и капацитети што треба да се изградат. Руралниот туризам е иднината на македонскиот туристички сектор, бидејќи тогаш ќе создадеме нови работни места, микро и мали семејни бизниси и бизниси кои ќе бидат на своето место. Тоа му треба на туризмот во Македонија, вели Јаневски.

Тој открива дека сивата економија во македонскиот туризам изеде околу 200 милиони долари годинава и додава дека последните пет години од Владата бараат да се создадат туристички инспекции. (Крај)

извор: РСЕ фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука