Економија Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

ОКТА донираше фотоволтаична централа за средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид

Охрид, 20. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на одбележувањето на својот 45-ти роденден, ОКТА донираше уште една фотоволтаична централа, овој пат на средното општинско економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид.

Донацијата е во согласност со стратегијата на компанијата за поддршка на иницијативи поврзани со обновливите извори на енергија, што се одразува и на нејзините општествено одговорни активности и вложувања. Централата, чие официјално предавање во употреба беше извршено денеска, од страна на градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и директорот на енергетско планирање и развој во ОКТА – д-р Ристо Јаневски ќе обезбеди снабдување со електрична енергија од обновливи извори на ова средно училиште.

– Благодарни сме за оваа значајна донација на ОКТА. Изградбата на фотоволтаична централа на кровот на училиштето претставува круна на активностите кои што во изминатиот период овозможија ова средно училиште да добие нов и современ изглед. Со оваа донација, ќе се постигне навистина значајна заштеда на енергија и ќе се намалат трошоците на училиштето, што секако за нас има големо значење, бидејќи со тоа остануваат повеќе средства за подобрување на образовниот процес, рече Пецаков.

Вкупната инсталирана моќност на новата фотоволтаична централа изнесува 21,8kW (киловати) и може годишно да произведе и до 26,5 MWh MWh (мегаватчасови) електрична енергија, што претставува значаен дел од енергетските потреби на ова училиште.

– Во годината кога компанијата прославува 45 години постоење, со реализацијата на овие донаторски проекти за поддршка на образовните институции во земјава, сакаме да ја потврдиме нашата континуирана заложба да делуваме одговорно во заедницата во која што сите заедно живееме. Фотоволтаичната централа ќе придонесе во неколку важни сегменти од работата на училиштето – намалување на потрошувачката на електрична енергија, заштита на животната средина преку користење на обновливи извори на енергија, како и подигање на свеста кај учениците за важноста од употребата на одржливи енергетски решенија. Оваа донација претставува долгорочна инвестиција во иднината на училиштето, обезбедувајќи одржливи придобивки, не само за идните генерации на ученици, туку и за целата заедница, изјави д-р Ристо Јаневски, директор на енергетско планирање и развој во ОКТА. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука