Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Традицијата продолжува: Хуманитарна спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Охрид, 24. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на охридскиот Црвен крст денеска по 13-ти пат се одржа традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.

– Акцијата започна со градско дефиле-трка по улицата „Македонски Просветители“ и Кеј „Македонија“, за да продолжи со натпревари во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, пикадо, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо. За забавата се погрижија распеаните „Рибарчиња“, а спортскиот дух во ритамот на музиката го одржуваше аеробик сесијата со професорката Кате Бујароска. Презентации на ракометните вештини имаа ракометните школи „Вардар-Охрид“ и „Седмерец“. На Градскиот плоштад свое катче имаше и Центарот за развивање животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид и Едукативниот центар на Црвен крст Охрид „Полетарче“, а своите креативни цртачки способности ги искажаа многу дечиња во едукатиното уметничко катче, информираат од Црвен крст Охрид.

Бројните посетители, од сите возрасти не останаа рамнодушни на настапите на жонглерите, штуларите, аниматори, кловнови, мимичари, магионичари, за кои, заедно со бројните вредни награди, се погрижи Стоматолошкиот центар „Д-р. Баткоски“.

– Сите оние кои купиле учеснички број учествуваат во големата наградна игра на Црвен крст Охрид со преку 20 вредни награди кои ќе бидат извлекувани во втората половина на месец октомври, во емисија во живо. Оние кои сакаат да се дел од големата наградна игра, а не стигнале до сега да купат учеснички број, истиот можат да го обезбедат во просториите на Црвен крст Охрид најдоцна до 10-ти октомври 2023 година, потенцираат од охридскиот Црвен крст од каде изразуваат благодарност до партнерот Стоматолошки центар „Д-р. Баткоски“ и сите помагатели и поддржувачи на оваа хуманитарната спортско-рекреативна акција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука