Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Радески: Многу е лошо кога политиката ќе се инволвира во образованието

Охрид, 25. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Многу е лошо кога политиката ќе се инволвира во една од клучните општествени дејности, како што е образованието, вели директорот на ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид, Марјан Радески по изнесеното во денешниот допис до медиумите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Што се однесува до реконструкцијата на училиштето и ученичкиот дом, тоа е една комплексна работа а, помеѓу останатото станува збор за објекти кои се градени пред повеќе од 60 години и факт е дека можат да настанат непредвидливи ситуации. Динамиката на изградбата исклучиво зависи од изведувачот – Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Бауер БГ“ ДОО Скопје затоа што во поглед на сите изведени работи и зафати, навремено му се исплаќаат средства од страна на Министерството за образование и наука, каде што целокупната инвестиција изнесува нешто повеќе од сто милиони денари. Инаку, изведбените работи и зафати се при крај и работите се одвиваат со зголемен интензитет, со што за краток период, училиштето ќе добие еден современ изглед и ќе биде опремено со најсовремени средства за реализација на теоретската и практичната настава, како и со еден модерен сместувачки капацитет за учениците. И во вакви услови, училиштето продолжува со своите активности и организира настани за кои јавноста ќе биде известена во најкраток временски период, вели Радески.

Новата учебна година во ОУТУ „Ванчо Питошески“ Охрид оваа година започна online. Причина се градежните активности, за кои на почетокот на месецов, по реакција на родители, директорот Радески за Супер радио и OhridPress првично најави дека треба да траат околу 20 дена. Тој додаде дека за ова учениците биле навремено информирани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука