Избор Македонија Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Следната недела ќе се одржи Крапскиот куп „Охрид крап 2023“

Охрид, 30. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на рекреативни риболовци, Спортски клуб „Св. Апостол Петар“ од Охрид, организира Крапски куп „Охрид крап 2023“, кој ќе се одржи од 5-ти до 8-ми октомври 2023 година на Охридското Езеро.

– Право на учество имаат сите екипи од Република Македонија кои благовремено ќе се пријават. Екипите да бидат составени од најповеќе 4 члена, 2 натпреварувачи, 1 резервен натпреварувач и 1 капитен. Патеката ќе биде на Охридското Езеро, од месноста „Даљан“ преку Извидничкиот кап, до месноста „Градинар“. Дозволен е улов само на видот „крап“. Примероците на крап со помала тежина од 1 килограм нема да се бодуваат. Дозволена е употреба само на крапски прибор за риболов со олово на дно. Задолжително е ловење на влакно (мамецот да се монтира на конец, а јадицата да остане празна). За мамец може да се користи само боила и пченка. Забрането е користење на живи мамци. Забрането е монтирање на хранилки на системот. Дозволена е носење на повеќе риболовни трски. За лов се користат максимално 4 риболовни трски. Задолжително е носење на минимум 4 крапски сака (вреќи за чување на рибата), кепче за прифаќање на рибата и душек за одлагање на истата. Тешка прихрана е дозволена во времето од 08:оо до 17:оо часот. Натпреварот ќе се одржи согласно Правилникот за организирање на натпревари во спортски риболов во Република Македонија и Правилата за натпревари во дисциплината „Крап“. За учество на натпреварот се плаќа котизација од 4.000 денари по екипа, ги соопштуваат правилата организаторите.

Пријавувањето за учество на Купот ќе се врши до 2-ри октомври 2023 година на електронската адреса на здружението или на телефоните 075/717-805 Димче Мајковски и 078/318-499 Петар Булески. Котизацијата ќе се плаќа при доаѓањето на местото на натпреварот.

– Бројот на натпреварувачки места (боксови) е ограничен. Право на учество ќе имаат екипите кои први ќе се пријават. За трите првопласирани екипи ќе се доделат пехари, медали, дипломи и парични награди (во зависност од бројот на пријавени екипи), потенцираат од Спортскиот клуб „Св. Апостол Петар“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука