Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Синдикатот на контролори на летање демантира: Штрајкот не е ставен во мирување

Скопје/Охрид, 11. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) останува на претходно донесената одлука за реализација на штрајк од утре, четврток, 12-ти октомври 2023 година, во периодот од 11:00 до 17:00 часот и не се точни информациите дека штрајкот е ставен во мирување, информира во пишана изјава претседателот на ССКЛ Александар Тасевски, демантирајќи ги наводите дека штрајк од утре нема да има.

Во текот на штрајкот што ССКЛ го најави поради „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“, во најавениот термин нема да се опслужуваат авиони на Меѓународниот аеродорм Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Тасевски укажува дека дезинформациите за наводна постигната спогодба поради која се става штрајкот во мирување, ќе ги доведат во заблуда патниците и авиокомпаниите, а ќе предизвикаат и непотребен хаос при планирањето на летовите.

– Информациите кои беа испратени во текот на вчерашниот ден од страна на УО на М-НАВ, како што известија одредени медиуми, дека се прифатени барањата на ССКЛ и дека е постигната спогодба поради која се става најавениот штрајк во мирување се тотална невистинити и дезинформација на јавноста, која не само што ги доведува во забуна сите патници кои го планирале своето патување во текот на утрешниот ден, туку ги доведува во забуна и авиокомпаниите, а што дополнително ќе резултира со непотребен хаос поради неможност соодветно да ги испланираат засегнатите летови, наведува Тасевски.

Во УО на М-НАВ, според него, владее разединување од причина што, како што тврди „новите двајца директори кои се поставени во последните два-три месеци и го затекнаа хаосот кој е од поодамна, наспроти претседателот на УО на М-НАВ кој продолжува по стариот пат генерирајќи проблеми и за фирмата но и за новите директори“.

Доколку се реализира штрајкот пак, од утре ќе има доцнење и нереализирање на летови и префрлање на патници на други аеродроми. (Крај)

извор: slobodnaevropa.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука