Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридскиот Црвен крст со бесплатни обуки по прва помош за околу 500 ученици и наставниот кадар

Охрид, 13. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на националната кампања на Црвен крст на РМ под мотото „Првата помош спасува живот“ Црвен крст Охрид, оваа година се вклучува со спроведување на кампања по прва помош во училиштата.

Во период од 1-ви септември годинава до 15-ти февуари следната година ќе се спроведат бесплатни обуки по прва помош за околу 500 ученици на возраст од 12 до 18 години од сите основни и средните училишта на територијата на Општинa Охрид и Општина Дебрца, како и бесплатни обуки за наставен кадар. Обуките ќе ги спроведуваат лиценцирани предавачи и демонстратори по прва помош.

Вчера се одржа првата обука во рамките на оваа кампања на Црвен крст Охрид, со која беше опфатен наставнички кадар од сите основни и средни училишта од општините Охрид и Дебрца.

Црвен крст Охрид долгогодишно активно работи на планот на унапредување и развој на дејноста во делот на првата помош, сега со посебен придонес во образовните институции каде уште од најмала возраст се обучуваат младите како правилно да укажат помош таму каде што е потребна.
Првата помош е непроценлива животна вештина која децата треба да ја надоградуваат во текот на животот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука