Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Денес ќе се одржи охридскиот дел од кампањата „Ние сме Европа“

Охрид, 18. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 18:00 часот ќе се одржи охридскиот дел од кампањата „Ние сме Европа“.

Tемата на трибината е „Негување на културното наследство и природната убавина за одржлив туризам“. За европските вредности, за придобивките и можностите што ни ги нуди ЕУ членството ќе зборуваат Бојан Маричиќ, Вицепремиер за европски прашања, Каја Шукова, Министерка за животна средина и просторно планирање, Грегор Прескер Амбасадорот на Република Словенија и Љупчо Јаневски директорот на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во рамки на напорите на Владата на Република Македонија, за исполнување на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања како дел од кампањата „Ние сме Европа“ организира серија настани во повеќе градови низ државата, под мотото „Саем на европски вредности“.

– Настаните се од информативен карактер и имаат за цел да го продлабочат дијалогот со граѓаните за можностите и придобивките кои ги нуди пристапувањето и членството во ЕУ. Кампањата „Ние сме Европа“ предводена од Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, се реализира во 8 градови низ државата и тоа: Охрид, Битола, Куманово, Штип, Скопје, Струмица, Тетово и Прилеп, во рамки на што се организираат трибини и средби со граѓани, кои соодветно за секој од градовите, обезбедуваат информации и отвораат точки за дискусија на неколку теми и тоа: инфраструктура, култура, енергетика, туризам, економија, млади, земјоделство и социјала. Активностите во секој од градовите ќе вклучуваат и посета на локалитет од значење за конкретниот град. Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Македонија ги афирмираат и промовираат европските вредности, во време на важни одлуки за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, кои не’ засегаат сите нас, граѓаните и тоа во духот на демократијата, мултикултурализмот, владеењето на правото, почитувањето на фундаменталните и човековите права, информираат од Секретаријатот за европски прашања. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука