Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Делегација од охридската Планинска Спасителна Служба на годишниот конгрес на ICAR во Тоблах, Јужен Тирол

Охрид, 19. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Делегација од Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид оваа година го претставува Националниот Сојуз за Планинско Спасување (НСПС) на годишниот конгрес на ICAR (International Commission for Mountain Rescue), кој се одржува од 17-ти до 22-ри октомври, во Тоблах, Јужен Тирол.

Оваа година на конгресот учествуваат повеќе од 600 учесници, припадници на службите за планинско спасување од целиот свет, како и претставници од најпознатите производители на опрема, возила и воздухоплови за спасување.

– Вообичаено, конгресот започнува со практичен ден, на кој се разменуваат вештини и практични искуства од светот на планинското спасување. Оваа година, акцентот беше ставен на неколку различни техники за спасување од карпа со примена на алпинистички техники, како и неколку методи за хеликоптерско спасување. Покрај практичната работа, во текот на вчерашниот ден присутните имаа можност да се запознаат со современите технолошки достигнувања од областа на беспилотните летала (дронови), кои полека стануваат нераскинлив дел од операциите за пребарување и спасување, како и со неколку современи типови на специјализирани теренски возила, нивните карактеристики и опрема со кои располагаат.
Практичниот ден се одржа во прекрасниот амбиент на доломитите, во подножјето на познатите Три Кули на Лаваредо (Tre Cime di Lavaredo), информираат од ланинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука