Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Од почетокот годинава се бележи намалување на бројот на издадени одобренија за градба во Охрид

Охрид, 25. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот годинава се бележи намалување на бројот на издадени одобренија за градба во Охрид.

И додека во јануари биле издадени 52 дозволи за градба, бројот константно опаѓа. Последните достапни податоци се за август кога биле издадени 7 одобренија за градење.

Ваквиот тренд е забележлив и на државно ниво. Според последниот извештај на Државниот завод за статистика во август 2023 година издадени се 344 одобренија за градење, што е за 9 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 157 се наменети за објекти од високоградба, 121 за објекти од нискоградба и 66 за објекти за реконструкција. Од вкупно 344 објекти, на 180 како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 164 инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 943 станови, со вкупна корисна површина од 66.791 м².

Цените пак за метар квадратен станбен простор се енормно високи. Соодносот на изградбата и побарувачката, без оглед дали е реална или вештачки креирана, прави цените на метар квадратен да стигнуваат до огромни суми, често и над 2.000 евра по м².

Како и да е, за градежната експанзија низ годиниве наназад граѓаните во повеќе наврати коментираат дека постои реална опасност Охрид да стане град со мал број жители, а со најголем број станови по глава на жител. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука