Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Црвен крст Охрид организира обукa за Лични асистенти на лица со попреченост

Охрид, 13. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со цел развивање на услугите за долготрајна помош на лицата со попреченост од страна на квалификуван и професионален кадар, Црвен крст Охрид организира обука за Личен асистент на лица со попреченост.

– Охридскиот Црвен крст е овластена организација за спроведување на обуки за Лични асистенти на лица со попреченост во Охрид и Дебрца, според верификувана програма на Центар за образование на возрасните при Министерство за образование и наука. Обуката, која содржи теоретски и практичен дел, трае 2 месеци, а ќе се реализира во простории на Црвен крст Охрид, прилагодени и опремени со потребната опрема и помагала. Обуката ќе ја изведува наставен кадар-едукатори (доктор по медицина, медицинска сестра, социјален работник и дефектолог), пет дена во неделата, во период заеднички договорен. По успешно завршената обука кандидатот се стекнува со соодветен сертификат за Личен асистент на лица со попреченост и добива можност за платен, работен ангажман во Нега центарот на Црвен крст Охрид. Заинтересираните кандидати на возраст од 18-60 години, ќе можат да добијат повеќе информации и искажат интерес за обуката со јавување на еден од телефоните 046/261-909 и 070/315-309, на е-маил: ohrid@redcross.org.mk или во нашите простории, информираат од Црвен крст Охрид.

Конкурсот за пријавување на кандидати за обука на Личен асистент на лица со попреченост ќе биде отворен од 13-ти до 19-ти ноември 2023 година.

– Ги очекуваме сите оние кои имаат желба и потреба да стекнат вештини и знаења за Личен асистент на лица со попреченост и бидат дел од тимот на Нега центарот, потенцираат од Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука