ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Спасовски: Таткото на Вања бил вклучен во нејзиното исчезнување, крајната цел била изнуда на пари од мајката!

Скопје, 4. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, чие безживотно тело вчера беше пронајдено во околината на Скопје, индиректно бил вмешан во организирањето на киднапирањето на девојчето со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката, соопшти на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, според првичните сознанија од истрагата.

– Како што веќе сте запознаени, мотивот е користољубие при што, според првичните сознанија, едно од лицата во договор и со знаење на член од семејството го организирало извршувањето на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката, од што понатаму сите инволвирани би имале парична, односно материјална корист, изјави Спасовски.

Во врска со втората жртва, 74-годишниот маж од Велес, за чие убиство се осомничени истите лица, Спасовски вели дека немал никаква директна врска со малолетната Вања.

– Но, поради нерасчистени односи со еден од осомничените, неговото возило е одземено и употребено при извршување на делото и потоа ова возило е пронајдено опожарено, додава Спасовски.

Токму со овој автомобил, вели министерот, е земена малолетничката, и тоа во влезот од зградата каде што живеела, откако претходно, според исказите на осомничените, таткото споделил информација со организаторот за денот и времето на нејзиното излегување од дома. Всушност, двајца од осмоничените рекле дека информацијата за тоа кога девојчето ќе го напушти само домот ја добиле од осомничениот кој е во бегство, кој, пак, им тврдел дека тоа го дознал од таткото на девојчето.

– Главниот организатор и извршител со пиштол на 27 ноември, според досегашните утврдени докази, некаде околу 10:00 часот, ја усмртил малолетничката исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започнатата истрага веднаш по првата пријава за тоа кривично дело, информира министерот.

Во врска со двата случаи, за 14-годишната Вања и за 74-годишниот велешанец, осомничени се пет лица. За тројца е определена мерка притвор, едно е надвор од државата, а петтото лице е таткото на девојчето. Со него, како што информира Спасовски, е извршен распит и понатаму ќе се преземаат мерки по насока на Обвинителството.

На денешната прес-конференција, исто така, беше соопштено и дека таткото на Вања негира дека е вклучен во дејствијата за кои е осомничен. (Крај)

извор: 360 Степени фото: 360 Степени

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука