ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ Хроника

Спасовски: Љупчо Палевски- Палчо e уапсен во градот Баликесир во Турција

Скопје, 5. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Љупчо Палевски- Палчо, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски е уапсен во градот Баликесир во Турција, по меѓународната потерница која ја објави македонското МВР, откри вечерва на вонредната прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Сакам да упатам благодарност до пријателските Турција. Србија и Бугарија, како и до колегите во овие држави и колегите во Хрватска кои самоиницијативно извршија проверки на нивна територија. Благодарност за соработката и до Интерпол. Сега веќе може да се каже дека нашето заврши, а постапката за екстрадиционен притвор продолжува, се’ додека лицето не биде спроведено во нашата држава, а потоа не застане пред лицето на правдата. Сакам на сите граѓани да им се заблагодарам за трпението, на медиумите за објективното информирање и на сите колеги кои деноноќно работеа на овој случај. Правдата е свест, не лична, туку совест на целото човештво. Затоа ако сакаме мир во душите, правдата мора да е брза, целосна и комплетно спроведена, порача министерот Спасовски.

Тој ја откри целата патека по која се движел бегалецот. Палевски имал обид да замине со такси од градот Баликесир за Истанбул, но бил уапсен кога повторно се вратил во градот.

Спасовски истакна дека денеска биле пронајдени два пиштоли, кои сега треба да се вештачат и да се утврди дали биле поврзани со убиствата.

Палевски беше во бегство надвор од државата и за него беше донесена наредба за спроведување истрага и издадена меѓународна потерница.

Во Основниот кривичен суд во Скопје вечерва беа спроведени четворицата осомничени за убиството на Вања Ѓорчевска, каде судија на претходна постапка ќе треба да одлучи по предлогот на обвинителството за продолжување на мерката притвор. Четворицата се спроведени од Истражниот затвор во Шутка, каде тројца се во притвор како осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, откако Судот претходно го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело, додека таткото на 14-годишното девојче е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома.

Осомничени за нејзиното убиство, покрај таткото, се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски- Палчо.

ОЈО Скопје претходно денеска до судот поднесе и предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор и против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил помагање на Љупчо Палевски- Палчо, првоосомниченниот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов, да избега во Турција, преку Бугарија и Србија.

Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3-ти декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27-ми ноември годинава. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука