Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: Недозволиво е по 10 години и повеќе репроектирања на автопатот Кичево-Охрид, да ни се случуваат свлечишта

Скопје/Охрид, 17. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Недозволиво е после десет години, после повеќе репроектирања на трасата, да ни се случуваат повторно свлечишта на автопатот Кичево-Охрид, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа министерот за транспорт и врски на Република Македонија, Благој Бочварски.

– Во однос на автопатот Кичево-Охрид, недозволиво е после десет години, после повеќе репроектирања на трасата, да ни се случуваат повторно свлечишта. До пред неколку дена, од тоа што бев информиран од надзорот, имавме 11 нови свлечишта на трасата, тоа значи огромни косини од дел од планината свлечени кон самиот коловоз на автопатот. Тоа е нешто што е недозволиво. Токму поради тоа ние побаравме извештај од „Фидик“ експертите, од страна на надзорниот орган, со цел да ни ги дадат своите мислења и стручни анализи во насока на тоа како да се продолжи со разрешување на сите овие постапки и процеси коишто се во тек. Инаку, ниту јас, ниту било кој министер во Владата, сегашен или во иднина, не би дозволил таков автопат, или не би требало да дозволи да биде пуштен во употреба таков автопат во којшто ни се случуваа постојано свлечишта, на неколку километри, најпрво поради безбедност. Токму поради тоа јас сметам дека треба да го дадеме првиот збор на фелата, на експертите, тие со своите стручни мислења да дадат насока, и на Министерството за транспорт и врски, и на ЈПДП и на Владата како ќе се продолжи со завршување на овој автопат, вели Бочварски.

Тој додава дека се работи за проект којшто е многу стар од многу одамна и на тој проект постојано правиме дополнувања, репроектирања за да се стабилизираат тие косини.

– Ова е лош систем на градење генерално и поради тоа во новиот проект со Бехтел и Енка влеговме со друг принцип на градење каде што компанијата ќе проектира и ќе гради паралелно, во реално време за да се избегнат ваквите состојби, бидејќи една од најголемите опасности за навремена реализација, брза и ефикасна на еден ваков голем инфраструктурен проект, е стариот проект, потенцира министерот Бочварски.

На 12-ти декември годинава, министерот истакна дека во период од седум до десет дена, значи најдоцна до 22-ри декември, тој очекува да биде завршен извештајот на „Фидик“ експертот по што ќе се знае во која насока ќе продолжиме понатаму со работа на реализација на проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид. На почетокот на минатиот месец од ресорното министерство соопштија дека ангажиран е експерт за „Фидик“ договори преку кој треба да се обезбеди анализа на Договорот за изградба на веќе историската автопатска делница. (Крај)

извор: Радио Слободна Европа/ОхридПрес  фото: архива видео: Радио Слободна Европа

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука