Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: До крајот на неделава ќе го имаме извештајот од ревизијата на автопатот Кичево-Охрид од кој ќе зависи дали ќе биде раскинат договорот со „Синохидро“

Скопје/Охрид, 18. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – По нешто повеќе од еден месец работа, до крајот на неделава министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува да му биде доставен извештајот за ревизијата на автопатот Кичево-Охрид од кој зависи дали државата ќе го раскине договорот со кинеската „Синохидро“.

Откако ќе го добијат целосниот извештај, Бочварски вели дека целокупната ситуација ќе ја презентираат на седница на Влада и заеднички ќе донесат одлука.

– Јас очекувам во текот на оваа недела да биде доставен од страна на надзорниот орган и од страна на ФИДИК експертите до ЈПДП и до Министерството по што ќе побараме тој извештај да биде разгледан на седница на Влада. Сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата. Ќе ја презентираме целата моментална состојба, но, овде, таа презентација и идните чекори, пред се’, треба да дојдат од експертите кои ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија со цел овој автопат да биде завршен, рече министерот Бочварски.

Тој смета дека е рано да се размислува за раскинување на договорот и да се размислува за идните чекори пред извештајот и препораките од експертите да бидат детално разгледани.

Ревизијата на целокупниот проект од проектирање до изведба на патот Кичево-Охрид кој се гради веќе десет години почна на почетокот на минатиот месец. Можноста за раскинување на договорот со „Синохидро“ поради тоа што н 31-ви декември истекува рокот за завршување на проектот, ја најави премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека е недозволиво еден автопат да се гради 10 години и се уште да не е завршен, па не ја исклучи можноста за завршување на автопатот да се ангажира друга компанија.

Во интервју на Радио Слободна Европа вчера тој истакна дека е недозволиво после десет години, после повеќе репроектирања на трасата, да ни се случуваат повторно свлечишта на автопатот Кичево-Охрид.

– Недозволиво е после десет години, после повеќе репроектирања на трасата, да ни се случуваат повторно свлечишта. До пред неколку дена, од тоа што бев информиран од надзорот, имавме 11 нови свлечишта на трасата, тоа значи огромни косини од дел од планината свлечени кон самиот коловоз на автопатот. Тоа е нешто што е недозволиво. Токму поради тоа ние побаравме извештај од „Фидик“ експертите, од страна на надзорниот орган, со цел да ни ги дадат своите мислења и стручни анализи во насока на тоа како да се продолжи со разрешување на сите овие постапки и процеси коишто се во тек. Инаку, ниту јас, ниту било кој министер во Владата, сегашен или во иднина, не би дозволил таков автопат, или не би требало да дозволи да биде пуштен во употреба таков автопат во којшто ни се случуваа постојано свлечишта, на неколку километри, најпрво поради безбедност. Токму поради тоа јас сметам дека треба да го дадеме првиот збор на фелата, на експертите, тие со своите стручни мислења да дадат насока, и на Министерството за транспорт и врски, и на ЈПДП и на Владата како ќе се продолжи со завршување на овој автопат, истакна Бочварски. (Крај)

извор: Макфакс/РСЕ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука