Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Архрид: Одлуката за касарната која сега, или во блиска иднина ќе се донесе, ќе има долгогодишни импликации на урбаниот тек на градот

Охрид, 22. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од Архрид, стручниот архитектонско-урбанистички колектив излегоа со нивните гледишта на случувањата на јавната расправа за „Физибилити студијата за развој на касарната“, која на 15-ти декември се одржа во Големата сала на Општина Охрид.

Потенцираат дека станува збор за студија која според нив е прв чекор и во иднина ќе подлежи на гласање на Советот на Општина Охрид и доколку се усвои, ќе биде база за идниот Детален Урбанистички План, а со тоа ќе се запечати „судбината“ на овој простор за генерациите што следат.

– На расправата беше разгледана и анализирана студијата за развој на Касарна Охрид, Архрид најпрвин изразува пофалба за иницијативата за развој во насока на бенефит на заедницата. Точките кои предвидуваат отворање на работни места, економски раст, урбана ревитализација се позитивни аспекти кои би воделе кон прогрес како на зоната, така и на градот во пошироки рамки. Уште еден аспект кој се обработува во студијата е зеленилото како екстремно значаен еколошки и урбан елемент во рамки на разгледуваниот простор. За слободниот простор е напишано: ,,Рекреативните зони можат да понудат широк спектар на атракции, како што се тематски паркови, водни паркови, авантуристички паркови, спортски терени, ботанички градини и други рекреативни активности на отворено.“ Покрај ова, мислиме дека клучен дел за успех на овој процес е потребата за конкретизирање на програмските барања и јасно поставување на визијата, за да може да знаеме за што точно говориме. Овој пристап на давање премногу општи препораки не носи на размислување во насока на тоа дека се остава голем простор за маневар на крајната одлука која, како што беше напоменето на самиот настан ќе биде „политичка“ одлука. Како и до сега, од време на време гледаме сегментирано исполнување на просторот, кое е многу арбитрарно, со многу функции кои случајно се нашле тука, а не биле дел од некаков првичен план. На студијата и фалат референци користени за студијата, опис на фотографии и визуелизации, а исто така потребна е транспарентност во однос на тимот на експерти кои ја изработиле студијата, бидејќи таа е објавена без автор. Би напоменале дека бидејќи се работи за така значаен дел на градот, задолжително би требало да се консултираат граѓаните преку анкета која тука изостануваше. Во студијата исто така може да се видат доста бројки и податоци кои не подлежат на некаква фактичка состојба туку се арбитрарни, додека некои од програмите кои моментално функционираат не беа воопшто спомнати, потенцираат од Архрид.

Додаваат дека во однос на Деталниот Урбанистичкиот План кој треба да биде донесен, повикуваат на транспарентен процес и согледување на можните следни чекори во овој процес.

– За развој на вакви слични, особено значајни и пространи сегменти од градот се спроведуваат квалитетно организирани (меѓународни) конкурси. Во изминатиов период бевме сведоци на реазлициран сличен ваков конкурс за Расадник во општина Кисела Вода, кој е за поздравување. Особено битен момент при спремање конкурс е однапред зададената програма, на која би се засновале трудовите, носејќи низа на опции, натпревар на идеи до конечно оптимално решение за просторот. По присуството на расправата, би сакале да напоменеме дека повикуваме на поголема вклученост на граѓаните за ова навистина значајно зелено парче на градот. Очекуваме заинтересираност и вклученост во процесите доколку ја делиме идејата за задржување на даденостите на Охрид и спречување на неговата идна урбана деградација. Овој процес, на крајот на денот, ќе биде многу долг и следат уште некои чекори како: доставување на финална верзија на студијата, нејзино изгласување и потврдување од Советниците на општината, потоа, доставување предлог ДУП и анкети за истиот, се’ до финалното изгласување на истиот, кога веќе ќе биде доцна за понатамошна интервенција. Одлуката која сега, или во блиска иднина ќе се донесе, ќе има долгогодишни, ако не и повеќе-вековни импликации на урбаниот тек на градот, додаваат од Архрид.

Инаку, Архрид е стручен колектив чии главни цели се едукација (подигнување на свеста за архитектонските и урбанистичките вредности на градот) и заштита (на постојното културното наследство, како и препознавање и вреднување на архитектонското творештво и урбаните фрагменти во градот), преку спроведување активности (во јавниот градски простор) и креирање форум (потенцирање на значењето за оформување и јавно искажување на заеднички стручен став по актуелни теми). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука