Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Бадниковата пештера поставена на Градскиот плоштад

Охрид, 28. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Големата Бадникова пештера, која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос е поставена на Градскиот плоштад во Охрид.

Бадниковата пештера е подарок за градот од Бигорскиот манастир, а е дело на вредните монахињи од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица. Пештерата е широка 2,5 метри и висока 3 метри. Направена е од различни природни материјали, уникатно украсена и збогатена со иконата на Рождеството Христово и кандилце.

Инаку, во меѓувреме течат подготовките за манифестацијата „Бадникови поворки“ 2024 година.

На пробите што се одржуваат во спортската сала на ОУ „Христо Узунов“ бројот на учесници е сѐ поголем. Кон поворката од Охрид ќе се придружат и поворки од Дебрца, Велгошти… Следната проба е во сабота, 30-ти декември.

Во насока на негување на традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни, на 6-ти јануари, стотици деца низ охридските улици ќе ја пеат Вечниот Бог. Учесниците во поворката ќе носат ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата деница што го покажала патот на мудреците до пештерата. На градскиот плоштад децата ќе бидат пречекани од градоначалникот, а ќе им бидат поделени и пригодни подароци. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука