Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Владата на денешната седница потврди дека автопатската делница Охрид-Кичево е приоритет, ќе се склучува анекс на договорот

Скопје/Охрид, 28. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за Договорот за изградба на автопат А2, делница Охрид-Кичево.

Потврдено е дека изградбата на автопатската делница Охрид-Кичево е приоритет. И Владата, преку Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта е определена да се продолжи со нејзината доизградба, како дел од европскиот Коридор 8.

Владата ги овласти Кабинетот на заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот, за склучување анекс на договор, за продолжување рок за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот Охрид-Кичево. Истовремено, изведбата на делницата, ќе продолжи во континуитет да се реализира.

Одлуката е донесена по Информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, базирана на доставени наоди од Главен Надзор и Надзор на тунел, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок, 31-ви декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат, а при тоа земајќи го предвид фактот за досега реализираниот висок степен на физички извршените работи и решени отворени прашања.

Првичниот проект за автопатот Охрид-Кичево, како што е оценето, беше со бројни пропусти во проектирањето, но со фокус на Владата и надлежните институции кон важноста на делницата, во голем дел тие се надминати и како што е оценето, во континуитет се создаваат услови за негово завршување.

На бројчаникот на OhridPress денеска останаа уште точно 3 дена, а на лице место е повеќе од очигледно дека од свечената лента и чочеците не делат уште месеци, а можеби и години… Како што ветивме, бројчаникот ќе остане видлив до 31-ви декември и ќе не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста на овој патен правец за Охридскиот регион, но и за тежината на јавно искажаниот збор.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. Иако се свесни за големината на проблемот и обемот на работите, граѓаните на социјалните мрежи апелираат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Тие реагираат на доцнењето во изградбата на патот, а дел се сомневаат во најавената динамика, пред се’ поради бројот на ангажирани работници и работни машини и бараат итно завршување на работите.

Автопатската делница Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра, односно далеку над првично предвидените 374 милиони евра. Работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, по што рокот беше поместен за 2018 година, односно подоцна за  јуни 2021 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука