ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

OhridPress: Настаните кои ја одбележаа 2023 година во Охрид

Охрид, 29. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Ги одбројуваме последните денови од 2023-та година, исполнета со моменти на неизвесност, надеж, убави и помалку убави работи.

Ако се навратиме што се случуваше во Охрид годинава наназад, забележително е дека зад нас оставаме една од поуспешните туристички сезони, по две години повторно проработеа дел од популарните плажи со старо-нови концесионери, Струга доби модерен базен, а охридскиот покриен и по осум години остана незавршен.

Автопатот Охрид-Кичево и натаму е во фокусот на јавноста и беше топ тема меѓу охриѓани. Со оглед на тоа што краен рок за негово завршување беше 31-ви декември 2023 согласно „динамиката“ на работа „мораше“ делот од патот од Подмоље до Охрид да се прави среде лето. Изјавите дека е завршена приказната за седнување по кафеани и барање уште една година продолжување на рокот за негова изградба паѓаат во вода по објавата дека ќе се склучува нов анекс на договорот, со што продолжува неизвесноста околу конечната изградба на историските 57 километри автопат, кои предизвикаа огромен број сообраќајни незгоди во кои животот го загубија многу лица.

Охрид забележа една од поуспешните сезони последниве години, а во прилог на тоа одеа и бројките на посетители, но и приходот остварен по основ на туристичка такса. Придонес кон тоа беа и објавените репортажи за Охрид во угледни светски магазини, но и бројни блогери кои го посетија градов.

Кога сме кај туризмот, по две години повторно проработеа дел од најатрактивните охридски плажи. По огласот што локалната самоуправа го распиша за закуп на шанкови во периодот 2023-2026 година, плажите добија старо нови концесионери, нешто што отвори повеќе прашања, отколку што даде одговори.

DW: Охридските плажи заглавени во бирократски лавиринти

Освен стандардните културно-забавни содржини, Охрид летово понуди и нови содржини. Сезоната беше отворена со „Вино фест“, се одржа „Ракија базар“, а за љубителите на џезот се одржа и првото издание на Ohrid Jazz Festival. Како заокружување на сезоната беше Ohrid Water Festival, како вистинска симбиоза на водените спортови и бројни музичко-забавни настани.

Експертите од Бернската конвенција при посетата на Охрид посочија и нѐ потсетија дека она што се случува со нелегалните градби е апсолутно недозволиво и дека имаме најдобри планови на хартија, но мора конечно да дојде до управување на терен. УНЕСКО и понатаму е само збор и препораките и насоките најчесто секој ги толкува според сопствените интереси и желби.

Во пресрет на сезоната немаше угостителски објект, но и многу други сегменти од економијата во Охрид, без активни огласи за вработување. Се бараа работници од разни профили, со или без работно искуство, а за образование и стручна подготовка ретко кој и да прашуваше. Од друга страна многу наши сограѓани повторно побараа спас за поголема заработувачка во Хрватска, но и многу други земји во соседството и понатаму во светот.

Од инфраструктурните зафати, беше завршена реконструкцијата на улицата „Македонски просветители“, во тек е санацијата на „7-ми ноември“, фонтаната на плоштадот кај Чинарот замина во историјата, а Охрид и натаму чека на отворање на долгоочекуваниот Ohrid Mall, но и покриениот пливачки базен.

И во текот на годинава Охрид со негативен природен прираст, а детското одделение во рамките на Општата болница и натаму функционираше како дневна амбуланта.

Од културата и образованието, Српскиот патријарх Порфириј од црквата „Св. Софија“ во Охрид ја водеше заедничката литургија на македонските и српските владици, беше промоцирана монографијата „Одисеја 2022“ која ги обединува сите детали за подвигот на Марко Пејчиновски кој минатото лето десет пати го преплива Охридското Езеро, детската градинка „Јасна Ристеска“ одбележа 60 години постоење, РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид беше домаќин на Меѓународниот натпревар GATUS 2023 и освои два златни и еден сребрен медал, охридскиот градски мешан хор Вокс Лихнидос освои сребрен медал на Меѓународен хорски натпревар што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора, во конкуренција од 14 мешани хорови со меѓународно реноме, а Менса Македонија за прв пат по подолг период организира тестирање на интелигенција во Охрид.

И годинава, на достоен начин се одбележа денот на патронот и заштитник на градот, првиот сесловенски писател и основоположник на првиот словенски универзитет, Св. Климент Охридски. Поетот, драматург и романсиер Јордан Плевнеш е годинашен добитник на наградата „Патрон на градот Св. Климент Охридски“, а интернационалниот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, Гласот на Охрид, легендарната спикерка и радио водителка Леонора Чекреџи и младата спортска надеж на Охрид, таеквондистката Христијана Парулеска се добитници на Повелбата – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ за 2023 година.

Покрај Ohrid Water Festival како најголем спортско-забавен настан, Македонската традиционална таеквондо федерација после 31 година доби решение за дејност спорт, учествуваа на бројни натпревари, а во витрините го имаат и пехарот за најдобра кадетка во Европа, што го освои нашата Христијана Парулеска како прв пехар во историјата на македонскиот спорт, кога се работи за индивидуални спортови.

И оваа година не нѐ одмина отсуството или ниското ниво на култура на однесување и грижа за животната средина. Додека охриѓанецот Кадри Селман создаваше убавина со супер обликуваните украсни грмушки и парковски површини низ градот кои пленат и го афирмираат во вистинско светло, повторно имавме слики на искршени и превртени клупи, оштетени споменици, детски игралишта, дрвореди, создадени вештачки депонии, фрлени велосипеди и бетонски корпи во езеро… Сето ова го регистриравме во сегментот „Срамизам“ на OhridPress.

Исправени сме пред нови, овојпат, 366 дена, што ќе бидат исполнети со нови предизвици. Да се надеваме дека новата 2024-та година ќе донесе многу повеќе среќа, радост, успех за сите и верба во подобро утре.

Како редакција, на сите ви ја честитаме Новата година, со желби за многу здравје, среќа, успех и напредок на сите полиња во животот.

СРЕЌНА НОВА ГОДИНА!

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука