Вевчани, 3. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вевчанскиот карневал, кој се смета за еден од најпознатите македонски брендови, по двегодишна пауза ќе добие финансиска поддршка од Министерството за култура во висина од 1,8 милиони денари.
Вчера, во Вевчани, беше потпишан и договор помеѓу градоначалникот Спасе Кочовски и ресорната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, со кој се регулира финансирањето на оваа манифестација.
– Вевчанскиот карневал е еден од најстарите европски и првиот во државата, зачленет во Светската карневалска асоцијација. Со 1,8 милиони денари ги засилуваме вредностите кои траат и кои со својата автентичност ја издвојуваат македонската култура и историја во светски рамки. Карневали има речиси во сите европски земји, но интересот за „Вевчанскиот карневал“, како обележје на овдешната култура и туристичка атракција не стивнува. Вевчанци имаат посебен дух и гостопримство, посебна креативност, духовит и критичен однос кон општествените случувања што од година во година станува сè попривлечно и поатрактивно за светските медиуми и гости од регионот и Европа. Сите овие придобивки Министерството за култура ги препознава и останува доследен партнер на оваа манифестација и останатите содржини кои го афирмираат Вевчани, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Како причина што Карневалот не бил финансиран изминатите две години, таа ги наведе „административните пречки“.
– Кога се објавуваат резултатите од годишниот конкурс манифестацијата е веќе завршена и комисиите не можат да доделат финансиска помош за завршен проект. Затоа разговаравме со градоначалникот да направиме посебен договор каде што од една од ставките на Министерството за култура ќе се финансира сумата потребна на Општината да го организира карневалот. По завршувањето на годинашниот карневал сметам дека треба да најдеме механизам за ова прашање да стане пракса и да нема прекин во финансирањето и поддршката од државата да не изостанува, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Како останатите проекти, таа ги спомена и „Василичарска епопеја“, како првиот мурал кој за миг го разубави Вевчани, овековечувајќи го наследството на Вевчанскиот карневал.
– Во Вевчани вложуваме и во едукација на младите за продолжување на традицијата на фолклорната уметност на следните генерации. Културно-уметничкото друштво „Дримкол“, на кое во континуитет му даваме поддршка од Министерството за култура, изминатата година доби околу 500 илјади денари за презентацијата на фолклорот и традицијата дома, но и на меѓународната сцени во светот. И годинава ќе продолжиме да вложуваме во културата во Вевчани, како општина која е важен сегмент на македонска богата изворна традиција и која се пренесува на новите генерации, истакна Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека Вевчанскиот карневал е еден од проектите кои силно го промовираат македонскиот идентитет и македонското културно наследство.
Градоначалникот Кочовски, пак, истакна дека ова не е манифестација која е битна само за Вевчани, туку и за цела Македонија, и може да се каже дека е и европска и светска манифестација.
– Карневалот е стар 14 века. Во континуитет се одржува во Вевчани и продолжува и до денеска. Се надевам дека ќе се забавуваме и отворена е поканата до сите. Имаме интерес и од новински куќи од соседтвото, но и од Норвешка, која е заинтересирана да направи репортажа за Вевчанскиот карневал. Фестивалот е полн со хумор и сатира и не сакаме никого да навредиме и повредиме, само сакаме да се забавуваме, вели Кочовски.
Тој додаде дека Вевчани е најмалата општина во Македонија, па дури и во Европа, со 2,5 илјади жители.
– Буџетот е таков каков што е и затоа секоја поддршка е добредојдена. Вевчанскиот карневал вреди да биде поддржан и не само од Министерството за култура, очекуваме и многу спонзори, кои ќе го поддржат настанот, рече Кочовски. (Крај)
извор: vecer.press/Д.Т. фото: ОхридПрес