Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Од 2015 година, на делницата од автопатот во изградба Кичево-Охрид се случиле 105 потешки сообраќајни несреќи, во кои загинале 22 лица, а 128 се здобиле со тешки телесни повреди

Охрид, 8. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според податоците на МИА, добиени од СВР Охрид, на делницата Кичево-Охрид, која е во изградба веќе десет години, од 2015 година заклучно со денеска се случени вкупно 105 потешки сообраќајни несреќи, во кои загинале 22 лица, а 128 се здобиле со тешки телесни повреди.

Како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со изградбата на автопатот, од 1. ноември на OhridPrss беше поставен „Автопатски Бројчаник“, за сите да знаеме уште точно колку време остана до крајот на оваа година, кога според одговорните истекува рокот за изградба на овој патен правец. Времето на бројчаникот истече, а на лице место е повеќе од очигледно дека од свечената лента и чочеците не делат уште месеци, а можеби и години…

Како што ветивме, бројчаникот остана видлив до 31-ви декември за да не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста на овој патен правец за Охридскиот регион, но и за тежината на јавно искажаниот збор.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. Иако се свесни за големината на проблемот и обемот на работите, граѓаните на социјалните мрежи апелираат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Тие реагираат на доцнењето во изградбата на патот, а дел се сомневаат во најавената динамика, пред се’ поради бројот на ангажирани работници и работни машини и бараат итно завршување на работите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука