Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Од денес „Автопатски Бројчаник“ на OhridPress, ќе одбројува до крајот на годината кога истекува рокот за изградба на автопатот Охрид-Кичево

Охрид, 1. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со изградбата на автопатот Охрид-Кичево, од денес ќе знаеме уште точно колку време остана до крајот на оваа година, кога според одговорните истекува рокот за изградба на овој патен правец.

Бројчаникот ќе остане до 31-ви декември и ќе не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста на овој патен правец за Охридскиот регион, но и за тежината на јавно искажаниот збор.

Автопатската делница Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра, односно далеку над првично предвидените 374 милиони евра. Работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, по што рокот беше поместен за 2018 година, односно подоцна за  јуни 2021 година. Според последните најави, градежните работи треба да завршат до крајот на 2023 година. Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благоја Бочварски своевремено изјави дека планира за овој мандат, до 2024 година да се вози по автопатот Кичево-Охрид.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука