Вевчани, 14. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со традиционалното василичарско оро и палење на маските, денеска ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал.
Оваа година целиот настан помина во сенка на немилиот настан и смртта на младиот, 19-годишен вевчанец, по што беа откажани сегменти од забавниот дел од манифестацијата.
Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата каде што има име Васил, Василиј. Во фокусот и на годинашното карневалско издание повторно беа актуелните состојби во земјава и светот.
По палењето на маските, односно уште утре ќе почнат да планираат во што да се маскираат следната година. Добро познато е дека вевчанци ќе кажат се’, но до карневалското дефиле не откриваат во што ќе се маскираат.
Вевчанскиот карневал, датира од настанокот на селото, со традиција од околу 15 века. Симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијански календар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес