Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да одржи прес-конференција за катастрофалното работење на поранешниот градоначалник Константин Георгиески и претходниот директор на клубот и секретар на Општина Охрид Игор Бежоски

Охрид, 17. јануари 2024 (ОХРИДШРЕС) – Како печурки никнуваат оние дужегрижници кои откако го понижија спортскиот работник и спортистот сега оркестрирано започнаа да шират лажни вести и дезинформации за спортските клубови и градоначалникот д-р Кирил Пецаков, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид откако денеска СДСМ и Левица со обвинувања до Пецаков за исплатени над 250 илјади евра кон ГРК „Охрид“.

– Господата од СДС и нивниот пулен Левица се толку изгубени што на секаков начин се обидуваат да го оцрнат домаќинското работење на Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ и градоначалникот Пецаков. Пецаков основа ракометен клуб кој е спортска гордост на градот, што основавте вие? Ништо, најдобро е признајте си дека сте експерти за затворање и уништување. ГРК Охрид 2013 е наша гордост, гордост на Охрид. За да ви биде појасно Советот на Општина Охрид носи годишна Програма за спорт и рекреација со која се обезбедува финансиска поддршка на спортските клубови и школи согласно Законот за локална самоуправа, Законот за спорт и други подзаконски акти.
Општина Охрид дава директна поддршка за спортските клубови во кои основачки влог има Општината, како и по јавен повик за распределување на буџетските средства за финансирање на спортски клубови и здруженија, настани, манифестации, спортисти. И на тоа сме горди затоа што сме позитивен пример за сите како треба да се работи и како се насочува правилниот развој на младите. Го повикуваме СДС да одржи прес-конференција против катастрофалното работење на поранешниот градоначалник од нивните редови Константин Георгиески и Игор Бежоски, претходен генерален директор на ракометниот клуб и поранешен секретар на Општината токму од редовите на СДСМ. Зошто четири години истите тие не поднесоа ниту еден Извештај за работа на ГРК Охрид 2013? Охридските спортски клубови и понатаму има да добиваат финансиска поддршка од Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“. Секогаш има да ги поддржуваме спортските клубови со цел поголем интерес за спортот и зголемување на спортските навики кај младите, стои во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука