Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Уште 13 лица добија сертификати за лични асистенти на лица со попреченост

Охрид,8. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Уште 13 кандидати успешно ја завршија обуката за лични асистенти на лица со попреченост, во рамки на програмата на Црвен крст Охрид „Лична асистенција на лица со попречесност“.

– Кандидатите кои успешно го положија финалниот испит се стекнаа со основните познавања за видовите на попреченост, видови помагала и нивна примена, помош на работно место, образовен процес и помош во заедницата на лица со попречесност, како и помош на корисникот во домот и начинот на комуникација со лицата со попреченост, информираат од охридскиот Црвен крст.

Сертифицираните лични асистенти ќе бидат дел од Нега центарот при Црвен крст Охрид, кој како провајдер на социјални услуги ја нуди услугата лична асистенција на лица со попреченост на територија на општина Охрид.

– Услугата за лична асистенција има за цел да придонесе кон независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина. Исто така, оваа социјална услуга им овозможува на лицата со попреченост слобода на избор и независно водење на личниот живот со цел да ја компензираат својата попреченост делегирајќи ги своите задачи на други лица, додаваат од организацијата.

Корисници на оваа социјална услуга се лица со потешка и најтешка телесна попреченост и лица со целосно оштетен вид на возраст од 6 години и возрасни лица. Услугaта на локално ниво се реализира во соработка и со поддршка од Министерството за труд и социјална политика и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука