ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Од почетокот на годинава охридските пожарникари со повеќе од 30 интервенции на опожарени оџачки канали

Охрид, 10. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – И покрај апелите од пожарникарите, периодов се чести пожарите на оџаците во поширокиот регион на Охрид.

Од почетокот на годинаваа, охридските пожарникари интервенирале повеќе од 40 пати, од кои во 32 случаи интервенциите биле на опожарени оџачки канали, остатокот се пожари на отворен простор, помал обем на опожарени контејнери, ниви, стрништа. Ова значи дека од почетокот на годинава, речиси секој ден гаснеле опожарен оџак, изјави за Супер радио и OhridPress командирот на Територијална противпожарна единица (ТППЕ Охрид) Борко Јанкулоски.

– Ние како ТППЕ во повеќе наврати упатуваме апели навремено да се чистат и одржуваат оџаците, да се врши контрола. Ние имаме тимови кои можат да излезат во пресрет на граѓаните. Исто така граѓаните да се воздржат од палење на стрништата, на нивите, сѐ со цел за чистење, знаеме дека со тоа се предизвикува поголема штета, а исто така е казниво со закон, додава Јанкулоски.

Статистички гледано во 2023 година службата имала вкупно 582 интервенции, додека во 2022 година 526. Во однос на пожари минатата година забележале 248 интервенции, а во 2022 година имало 243 интервенции.

Јанкулоски истакна дека од голема помош за службата е и формираното доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст“. Засега брои 23 членови, волонтери, ентузијасти кои имаат поминато соодветни обуки и кои помагаат при интервенции во Охрид и Дебрца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука