Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Од зборникот на Кузман Шапкарев: Дедо Нојо ја изнашол лозата

Охрид, 14. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот собирач на народни умотворби, Кузман Шапкарев, оставил бројни записи за преданијата поврзани со православните празници.

Околу денешниот празник, посветен на Свети маченик Трифун, Шапкарев запишал: „Дедо Нојо, кога ја изнашол лозата, пресекол прачки и насадил лозје. Прачките кога и засадувал в земи, му турил крв наместо вода и затоа виното било црвено. Крвта била од јагне, од ‘рслан и од свиња.

Кога ја турал крвта вака блаосоил:

– Кој ќе пиет од виното, што ќе го родит лозјево, потроа, да бидит кроток и весел, како рудо јагне; кој ќе пиет поеќе, да бидит како ѕвер (’рслан) јунак и страшен; а кој ќе пиет од мерата надвор за да препиет, да паѓа по земи и да се валка, како свиња во тиња, со него сиот свет да се шегуа.“

Запишано е и едно народно предание, кое е пренесено преку стихови.

Виното и пијаниците
Мори чашо, бу-чашо!
Шчо ми бучиш на мене?
Еф ти јунак за тебе!
Јас те тебе утнаф,
ти ме мене кутна!

О, ти, вино, вато,
шчо ми скрши врато!

Кој те тебе пиет,
без невеста спиет,
кој те тебе љубит,
капа си губит,
кој те тебе сакат,
без гашчи си скакат!

О ти, вино, голо,
шчо ми продаде воло,
братое ми двата,
стрикое ми колата.

Три дни те пифме,
три години се крифме. (Крај)

извор: ОхридПрес/Зборник Шапкарев фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука