Избор Македонија Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

ЗНАМ – За наша Македонија ќе го одржи Првиот Конгрес на 22 февруари 2024 година

Куманово, 20. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која го најави Првиот Конгрес, што ќе се одржи на 22-ри февруари 2024 година.

На Конгресот, како што рече портпаролот на партијата, Никола Мемов, ќе бидат донесени следните одлуки: Oдлукa за усвојување на Статут на партијата, избор на Претседател на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, избор на членови на Централен одбор, избор на членови на Надзорен одбор и Утврдување на Предлог на кандидат за Претседател на Македонија.

Мемов објасни дека по одржувањето на иницијативата за формирање на нов субјект на политичката сцена во Македонија, во ноември 2023 година се одржа Основачко Собрание на партијата на кое беше избрано привремено раководство со мандат до одржувањето на Првиот изборен Конгрес.

– Како што и е познато на јавноста, на Основачкото Собрание за в.д. Претседател беше избран Максим Димитриевски, а беа избрани и в.д. Извршен и в.д. Надзорен одбор од по три членови. Партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија, согласно законот за политички партии уредно е регистрирана и запишана во Централниот регистар, додаде Мемов.

Во врска со евентуалните предизборни коализии, тој нагласи дека партискиот став е Движењето ЗНАМ – За наша Македонија да настапи самостојно на претстојните претседателски и парламентарни избори, но конечната одлука ќе ја донесат органите и телата на партијата. Се очекува на Конгресот да се потврди функцијата на досегашниот Претседател, Максим Димитриевски за Претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

– Името на кандидатот за претседател на државата ќе биде објавено наскоро. Интерната партиска процедура е во тек. Во четврток, одлуката за утврдување на предлог-кандидатот ќе ја донесат делегатите на Првиот Конгрес, истакна потрпаролот Мемов кој ја информираше јавноста дека од денеска во функција е и официјалната веб страница на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија  кадешто ќе може да се следат сите активности на партијата, а граѓаните ќе имаат можност и да се придружат на Движењето.

Првиот Конгрес на партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија ќе се одржи во четврток на 22-ри февруари 2024 година во хотелот „Хилтон Дабл Три“ во Скопје, со почеток во 19:00 часот.

Пред помалку од еден месец беше формирана Општинска организација на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Охрид. За Претседател на Општинската организација во Охрид избран е Мите Костески. За членови на извршен одбор избрани се: Михајло Ванкоски, Лидија Стојановиќ, Драган Танаскоски, Гоце Богданоски, Елизабета Баракова, Ѓоко Пројкоски, Горан Трајкоски, Сања Лазареска, Митко Новески, Марина Ѓоргоска, Елена Ристеска, Александар Кироски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука