ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Супер радио и OhridPress со отворена покана до премиерот Џафери: Повелете да го посетите и Охрид, Pse jo zoti kryeministër Xhaferi?

Охрид, 25. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Редакциите на Супер радио и OhridPress со отворена покана до премиерот на Република Македонија Талат Џафери за посета на Охрид.

Поканата Ви ја пренесуваме во целост:

Почитуван г-дин премиер Талат Џафери,

Не Ви пишуваме ниту како на технички премиер, ниту во било која друга ваква форма. Во моментов, Вие сте премиер на нашата држава и тоа никој не може да Ви го одземе (а, не ни треба).

Како таков, Вие сте премиер на сите граѓани на Република Македонија и таа чест, но и обврските кои одат со неа, треба и мора да ги практицирате на целата територија на државата.

Изминативе денови Вашата прес служба редовно не известува дека сте ги посетиле Општина Дебар, дека сте биле во посета на студентски дом и Универзитетот во Тетово, дека најдовте време дури и за на Шар планина да се искачите, посетивте градинка и Основно училиште во Арачиново, Универзитетот „Мајка Тереза“…

Пораката која се испраќа на овој начин за жал е еднострана, а ако на тоа се додаде однесувањето кон службеничката во Тетово, но и бројни други танцувања на ивицата на правилата предвидени во законите на оваа држава, се добива многу лоша слика, која во моментов не му е потребна никому…

Со целосно разбирање дека сме пред избори и дека се борите за секој глас, сепак Ве очекуваме и во Битола, Прилеп, Штип, Гевгелија, а од ова место Ви испраќаме официјална покана да го посетите и Охрид.

Ќе пиеме чај, ќе прошетаме по чаршијата, ќе запалиме и некоја пура (гледаме имате мерак по тоа), ќе каснеме нешто охридско – вие викајте го флија, ние ќе го викаме ѓомлезе, слично, скоро исто е, наместо за војска ќе зборниме за Mira Murati, ќе пиеме кафе со еснаф и паметни луѓе, да слушнете што имаат и тие да кажат…

Зошто не, г-дине премиер Џафери – Pse jo zoti kryeministër Xhaferi?

На 28-ми јануари годинава славевме двајцата, јас мојот роденден, Вие стапувањето на функција. За некој ден ќе биде еден месец… Ете убав себап…

Ве очекуваме во Охрид.

Со почит,
Сашо Митан
Супер радио/OhridPress
25.02.2024 година

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука