Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Учениците од Охрид ќе се едуцираат за врсничко насилство

Охрид, 27. февруари 2024 (ОХРИДПРС) – Во деветте основни училишта во Општина Охрид ќе се одржат работилници против врсничко насилство што ќе ги овозможи „Макпетрол“ во својата општествено одговорна кампања.

Изминатиов период Виница, Битола, Штип, Бутел, Петровец и Чучер-Сандево станаа дел од активностите на „Крени глас против врсничко насилство“. Заедно со Охрид, досега вкупно 15 општини и нивните училишта се вклучија во кампањата против булингот. „Макпетрол“ и Општина Охрид потпишаа меморандум за соработка.

„Христо Узунов“, „Григор Прличев“, „Св. Климент Охридски“, „Братство – Единство“, „Ванчо Николески“, „Живко Чинго“, „Кочо Рацин“, „Св. Наум Охридски“ и „Методи Патче“ се училиштата во кои што ќе се одржат работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство на темата. Учениците, но и претставниците на стручните служби на овие установи, ќе се здобијат со знаења за булингот. Истите потоа ќе можат да се применат и во секојдневната настава. „Макпетрол“, исто така, ќе испечати и едукативни материјали за врсничкото насилство.

Физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството се формите на булинг, а токму тие се обработуваат на работилниците и се дел од споменатите едукативни прирачници. Освен за децата, тие се наменети и за нивните родители и наставници. Информации за булингот се содржани и на веб страната kreniglas.mk.

Оваа платформа е носечки дел на кампањата и таа може да се искористи и за анонимно споделување лични искуства поврзани со врсничкото насилство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука