Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

ООУ „Ванчо Николески“ доби нова и комплетно опремена сензорна соба

Охрид, 29. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – ООУ „Ванчо Николески“ во селото Лескоец доби нова и комплетно опремена сензорна соба.

Истата ќе придонесе за да се подобри совладувањето на наставните содржини и вклучување на сите деца во образовниот систем, со што ќе се исполни уште една од образовните цели, а тоа е целосна инклузија во образованието.

Инклузивното образование е квалитетен воспитно-образовен процес кој за сите деца, идни граѓани на инклузивното општество, значи присуство, учество и постигнување успех, согласно индивидуалните потенцијали, порача во обраќањето директорот на училиштето Сашо Климоски.

– Деца со посебни образовни потреби се децата со попреченост, но исто така, и тоа во многу поголем процент и сите други деца, кои од најразлични причини имаат потешкотии во учењето: со проблеми во однесувањетo;емоционални или здравствени проблеми; сериозни моментални состојби во семејството (болест, загуба, невработеност, преселба, развод, семејна дисфункционалност); бегалци… за кои се потребни соодветни дополнителни активности. Деца со посебни образовни потреби се и сите талентирани ученици за кои се потребни додатни активности, во зависност од областа за која се надарени. Денес сме тука за да ја пуштиме во употреба инклузивната соба која во голема мера може да помогне за давање поддршка на ученици кои имаат потреба од тоа. Во иднина се надеваме дека покрај оваа инклузивна соба, ќе се направи уште повеќе за инклузивното образование, а посебно ќе се развива инклузивноста со вработување дефектоози, специјални едукатори, логопеди, во секое училиште. Ниеден наставник не е супермен кој може да работи сè. Секој е најкомпетентен за нешто, никој не е за сѐ. Системски пристап значи дека секое делче од целината на контекстот е важно. Наместо делење, потребно е да множиме тимски успешни практики. На децата им се потребни алијанси кои околу нив ги креираат компетентни возрасни. Возрасните во „државата сме НИЕ“, кои мораат да работат во најдобар интерес на сите деца, напомена Климоски.

Тој се заблагодари до сите кои помогнаа во реализацијата на идејата, спонзорите и донаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука