Скопје, 8. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонското собрание вчера по скратена постапка ги изгласа измените на Изборниот законик со кои се врши допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, односно на кои стои старото име на државата.
Целта на овие законски измени беше да им се овозможи на избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите, со што се отстрани опасноста илјадници граѓани да не можат да гласаат поради тоа што навреме не можат да ги заменат личните документи.
Иницијативата следуваше откако повеќе институции во државата предупредија дека околу 100 илјади граѓани би можеле да останат без можност да го остварат своето гласачко право на претстојните претседателски и парламентарни избори закажани за 24 април, односно 8 мај, со што би се довел под прашање и легитимитетот на изборите.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, неодамна порача дека од Собранието зависи дали ќе се усвои предлогот на комисијата да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.
– Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог, во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието, рече Даштевски.
За овој проблем алармираше и министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој истакна дека над 100 илјади граѓани над 18 години што се резиденти во земјава немаат лични карти, но имаат пасоши со важечки рок на траење, но кои се со старото име на државата. Според Тошковски, решение би можело да биде на овие граѓани да им се дозволи да гласаат со пасошите со старото име.
Од друга страна, премиерот на техничката влада, Талат Џафери, тврдеше дека граѓаните имале доволно време да ги променат документите и во овие два месеца, но очигледно реалните состојби говорат нешто друго, па пратениците во Собранието се решија на ваков чекор, на продолжување на рокот на важност на документите чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: архива