Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Годишнина од смртта на Михајло Пупин: Ја изгради камбанаријата во црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид за која го донираше тогаш најголемото ѕвоно на Балканот

Охрид/Вевчани, 12. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 1935 година во Њујорк почина светски познатиот научник Михајло Пупин, еден од великаните на физиката и електротехниката, кој дал особен придонес од областа на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата.

Според потомците на родот Пупин, семејството има македонски корени и се доселува во Вевчани од Москополе, каде живееле православни македонски и влашки родови.

Михајло Пупин бил професор по физика и математика на Колумбија во САД, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжил со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. Студирал со стипендија на студии по математика и теориска физика во Кембриџ, Англија. Потоа, откако добро ги проучил делото на Максвел, продолжил да студира физика во Берлин. Соработката со Херман Хелмхолц, кај него уште повеќе ги развила желбите и способностите за експериментирање. Под негово менторство докторирал со одличен успех, на тема „Осмотскиот притисок и неговиот однос кон слободната енергија“.

Како доктор на науки, во 1889 година Михајло Пупин се вратил во Њујорк и станал професор по математичка физика на Катедрата за електротехника и управник на Електротехничкиот институт на универзитетот Колумбија. Покрај разните одликувања, му биле доделени дури 18 почесни докторати на разни универзитети. Пупин бил член на повеќе академии на науки и претседател на Академијата на науките во Њујорк. За своето автобиографско дело „Од имигрант до пронаоѓач“ посмртно ја добил Пулицеровата награда во 1924 година, како и многу други награди со светско значење за својата научна работа.

mihajlopupinohrid

Пупин бил пријател со американскиот претседател Вудро Вилсон. Ја напишал Декларацијата за заштита на правата на малите народи. На Париската мировна конференција бара по секоја цена Македонија да добие автономија.

Во 1914 година, во рамките на САНУ, ја формирал фонадацијата „Олимпија Пупин“ и давал голема помош на сиромашни деца од тогашна Македонија, меѓу кои имало и ученици од Охрид. Помогнал во изградбата на училиштето во стариот дел од Охрид каде што денеска е сместена музејската администрација, а ја изградил и камбанаријата во црквата „Света Богородица Перивлепта“ попозната како „Стар Свети Климент“, за која го донирал тогаш најголемото ѕвоно на Балканот, излиено во словенечката престолнина Љубљана.

natpiszvonopupin

Подарил уште едно ѕвоно, кое и денеска постои во Битолско под Кајмакчалан во знак на почит кон сите загинати Македонци на Солунскиот фронт.

spomensobavevcaniспомен собата на Пупин во Вевчани

Српските научници никогаш не го негирале вевчанското потекло на Пупин. Претседателот на Српската академија на науките, Никола Хајдин, при посетата на Вевчани своевремено вети донација – биста од Пупин. МАНУ и САНУ заеднички го афирмираат делото на Михајло Пупин, светскиот великан од областа на физиката и електрониката, за што во Вевчани, каде му е подигната Спомен соба во 2008, одржаа заедничка тркалезна маса.

Самиот Пупин бил член на повеќе академии на науки и уметности во светот, претседател на Американската академија на науките во Њујорк и член на Српската академија на науките и уметностите.

Бил свесен за своите македонски корени и често нагласувал дека неговите родители потекнуваат од Охридската околија, од западната страна на Охридското Езеро. Тоа се гледа и преку фондот од 100.000 динари, кој го формирал во Охрид за помош на сиромашните. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука