Забава Избор

Денеска е Денот на бројот пи, 3.14

Охрид, 14. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во бројни земји во светот денеска се одбележува Денот на бројот пи, познат и како Лудолфов број или Архимедова константа.

Пи, кој се означува со грчката буква π, најчесто е препознатлив по кратенката 3,14, што гледано според форматот на означување датуми кој е со редослед месец па ден одговара на 14-ти март, односно март 14 (03.14).

Овој ирационален реален број го претставува односот на обиколката на една кружница со нејзиниот пречник во Евклидовата геометрија. Бројот π има широка употреба во математиката, физиката и инженерството, но се употребува и во други науки.

Обично неговата приближна вредност се сведува на 5 децимали и изнесува 3,14159. Доколку сакате да бидете попрецизни можете да отидете и многу повеќе, на пример 50 децемали: 3,14159 26535 89793 23846 26433 83279 50288 41971 69399 37510. И тоа нема да биде 100% точно бидејќи π има бесконечен децимален дел кој не се повторува. Сепак, и со вредност на π до 40 децимали би ви била повеќе од доволна за да ја пресметате обиколката на еден круг голем колку Млечниот Пат со грешка помала од големината на еден протон.

Прв пат овој ден бил одбележан на 14-ти март 1988 година од страна на физичарот Лери Шо кој работел во Експлораториумот во Сан Франциско, Калифорнија. Од 2009 година Конгресот на САД го прогласил за Национален ден и на училиштата им наложил да го одбележуваат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука