Забава Избор

Берлинското техно додадено на листата на културно наследство на УНЕСКО

Берлин, 15. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Познатата берлинска техно сцена официјално е ставена на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО во Германија.

На листата се вклучени уште пет други германски записи меѓу кои и планинарењето во Саксонија, пишува „Дојче веле“.

Од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, Берлин стана светски познат по својата енергична техно сцена. Но, многу клубови сè уште страдаат од последиците од пандемијата на коронавирусот.

Луц Лајхсенринг, член на извршниот одбор на „Клабкомишн“ (Clubcommission) во Берлин, мрежа на клубови и културни промотори, вели дека ознаката на УНЕСКО „ќе ни помогне да обезбедиме клупската култура да биде препознаена како вреден сектор достоен за заштита и поддршка“.

Според УНЕСКО, нематеријалното културно наследство се однесува главно на културни форми на изразување, кои се директно поврзани со човечката креативност и традициите, а кои луѓето ги пренесуваат низ генерации и постојано се развиваат.

Ова меѓу другото, вклучува практики, ритуали, вештини и изведувачки уметности како што се музиката, танцот и театарот, кои треба да се сочуваат и да се одржуваат во живот. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука