Скопје/Охрид, 16. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на претседателските избори на 24-ти април, парламентарните на 8-ми мај и стартот на предизборната кампања, Изборниот законик предивидува предизборни ограничувања за функционерите, јавните претпријатија и буџетските трошоци.
Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања, се’ до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал.
Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање. Не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Исто така не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
До завршување на изборот на претседател и пратеници, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период. (Крај)
извор: МИА фото: ОхридПрес