Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Ден на крводарителството во Република Македонија, бројот на првократни дарители во 2023 година се зголемил за околу 30%

Охрид, 17. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – 17-ти март во Република Македонија се одбележува како Ден на крводарителството.

Во таа чест, Црвен крст Охрид, на пригодна свеченост, по повод овој ден на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството им додели јубилејни признанија. Им се оддаде должна почит и на најзаслужните крводарители за 5, 10, 25, 50, 75 и 100 дарувања од Општина Охрид и Дебрца.

– Плакета за 100 крводарувања доби охриѓанецот Борис Стојаноски кој им порача на младите активно да се вклучат во хуманото семејство на крводарители, посочувајќи дека чинот на дарување крв е голем и хуман и дека со дарување на скапоцената течност помагаме во спасување на човечки животи. Плакети за 75 крводарувања им се доделија на Милчо Бујароски, Владимир Каневчев, Тони Јованоски, Спире Топалоски, Мате Матески, а плакети за 50 крводарувања на Ристо Јованоски, Петар Кочоски, Тони Симоноски, Оливер Маркоски, Борис Арнаудов, Зоран Достиноски, Јорданчо Ивановски. Признанијата Плакети нa Црвен крст Охрид за развој, унапредување и омасовување на крводарителството им се доделија на следните институции и граѓани: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Охрид, МПЦ ОА – Дебарско-кичевска епархија, Костал Македонија, Ирена Ралева Најдевска, Жанко Голабоски, потенцираат од Црвен крст Охрид.

Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, истакна дека крводарителството во Македонија е во подем и дека 2023 година може да се оцени како успешна година за крводарителството во Охрид. Според него, радува фактот што бројот на првократни дарители се зголемил за околу 30%. Тој ѝ се заблагодари на сè поголемата армија на хумани луѓе кои несебично продолжуваат да спасуваат животи дарувајќи крв.

Во текот на изминатата 2023 година се реализираа 18 крводарителски акции на коишто се даруваа 1.507 крвни единици со кои се задоволија потребите за крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во нашиот град. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука