Битола/Охрид, 20. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Преку агенцијата за млади и спорт во тек е изградба на затворен базен за потребите на учениците во Битола. Во Струга веќе го пуштивме, базенот во Охрид е во финална фаза, порача од Битола поранешниот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.
Изјавата на Ковачевски доаѓа во време која, и покрај најавата од почетокот на годинава дека работата на покриениот базен во Охрид, по неверојатни девет години, ќе продолжи со нови подизведувачи, сепак на терен нема никакво поместување во изведбата. Од Агенцијата за млади и спорт потенцираат дека новите подизведувачи најавиле дека истиот ќе биде готов до септември и дека во моментов бил завршен окоу 60%.
Затворениот базен во Охрид започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…
Станува збор за проект кој е ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и ВИП ложа, како и помошни простории со Спа и Велнес центар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес