Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Тодорова сабота – Тодорица

Охрид, 4. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес, во првата сабота од постот, го празнуваат денот наречен Тодорова сабота или Тодорица.

Тодорова сабота е празник посветен на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, кој настрадал во прогоните на христијаните од страна на римскиот цар Максимилијан. Овој ден се празнува во спомен на едно чудо што го направил св. Теодор Тирон околу 50 години по смртта. Имено, еднаш, непосредно пред почетокот на велигденскиот пост, византискиот цар Јулијан Отстапникот сакал да им напакости на христијаните и наредил храната што се продавала по пазарите да се испрска со крвта на жртвите што им се принесувале на римските идоли. Меѓутоа, св. Теодор Тирон на јаве му се појавил на цариградскиот патријарх и му кажал да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите, зашто таа ќе биде осквернавена со крв и наместо тоа, цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил и христијанските верници отанале неиспоганети пред нивниот најголем празник. Во спомен на овој настан, првата сабота од велигденските пости е наречена Тодорова сабота.

Иако е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња. На пример, во Дебарца, спроти празникот, девојчињата изведувале интересен обичај со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и потоа ги полнеле со пепел. Вечерта спроти празникот, додека биле во црквата, ќесето го закачувале на појасот на некоја жена која била позната како добра везилка. Жените кои вака ќе собереле повеќе ќесиња, на враќање од црквата кон дома, ги фрлале ќесињата во реката со зборовите: „Како што брза водата, така и девојчињата да научат да везат“.

Исто така, на Тодорова сабота, младите девојки изведувале и обичаи со кои сакале да дознаат кој ќе биде нивниот иден маж. За таа цел, во петок навечер, за време на вечерата, девојките го зачувувале првиот залак и го ставале под перницата. Притоа, се верувало дека момчето кое ќе го сонеле, подоцна ќе им постане маж.

Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Теодор, Тео, Теодора, Теа, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука