Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Работен состанок за мерки заштита на регионот од пожари

Охрид, 6. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Мерки и координација за заштита на регионот од пожари, беше тема на работниот состанок што вчера, 5-ти април 2024 година, го одржа СВР Охрид  со Локалниот совет за превенција.

Целта на оваа средба е дефинирање на клучните превентивни и други мерки за поголема и поефикасна комуникација со локалното население, со советодавните групи граѓани, со урбаните и месните заедници, за следење на состојбите во шумските појаси, пасиштата и другите површини на отворен простор, донесување конкретни мерки за навремено информирање и преземање брзи реакции за спречување и заштита при евентуална појава на пожари, мерки за јакнење на свеста кај граѓаните за опасностите од пожари, за координација при употреба на сите расположливи капацитети и опрема која наменски може да се користи за контрола и заштита на шумите од пожар и соодветна брза реакција на службите за навремено локализирање на избувнат пожар.

– На координативната средба, покрај полициски службеници од полициската станица Охрид, присуствуваа претставници на штабот за заштита и спасување при општина Охрид, на Територијалната противпожарна единица, на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, на шумската полиција, на јавното претпријатие „Македонски шуми“ и на Планинарска спасувачка единица од Охрид. Инаку, по неколкуте случени пожари на отворен простор на подрачјето што го покрива, СВР Охрид отпочна со поинтензивни активности и контроли со цел, поголема заштита на регионот од појава на пожари, потецираат од СВР Охрид.

Апелираат, граѓаните да избегнуваат палење оган во шумските предели, на стрништа, на плевел, отпадоци и на секој друг отворен простор, и потсетуваат дека, предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни кривични пријави и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука