Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Свето Благовештение – Благовец

Охрид, 7. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес одбележуваат уште еден празник, Свето Благовештение попознат како Благовец, кој се вбројува во постојаните празници, не го менува датумот и секогаш е на 7-ми април.

Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Блошчојне, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се смета за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка. Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

На овој ден Гаврил се јави во архангелска светлина и ѝ рекол на Марија дека е одредена од Бога да го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик. Еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“. Поради тоа, Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Се верува дека ако наутро гладен како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици ќе те разбие и не ќе имаш напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

Кузман Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец се саделе тикви зошто се верувало дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако не касне човек рибино тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“.

Во Дебрца ако некого го разбила кукавицата на Благовец тој и враќал на Ѓурѓовден кога ќе излезел пред сонце над селото и три пати ќе и викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“.

Тропар

Денес е почетокот на нашето спасение, и откривање на вековната тајна: Синот Божји син на Дева станува, а Гавриил благодат благовестува. Затоа и ние со него да ? запееме на Богородица: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе.

Кондак

Тебе, Богородице, поборнице војвотко, ние Твоите слуги, од злото избавени, победна и благодарствена песна Ти пееме: Како Онаа што имаш сила непобедлива, од секакви неволји ослободи н?, за да Ти повикуваме: Радуј се, Невесто неневесна! (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука