ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Спространов: Во Охрид за Благоец е греота ако не касне човек рибино, „да се облажет со рибино“

Охрид, 7. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Кузман Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец се саделе тикви зошто се верувало дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи.

Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако не касне човек рибино тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“.

Во Дебрца ако некого го разбила кукавицата на Благовец тој и враќал на Ѓурѓовден кога ќе излезел пред сонце над селото и три пати ќе и викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“.

Православните христијани денес одбележуваат празникот Свето Благовештение попознат како Благовец, кој се вбројува во постојаните празници, не го менува датумот и секогаш е на 7-ми април. Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Блошчојне, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се смета за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка. Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука