Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Собор на Св. Архангел Гаврил

Охрид, 8. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26-ти март, Собор на Св. Архангел Гаврил.

Тој е еден од големите седум ангели што претстојат пред престолот Божји. Му го јави на Захарија раѓањето на Свети Јован Предвесник и самиот за себе рече: „Јас сум Гаврил кој стојам пред Бога“. Неговото име Гаврил значи маж Бог. Зборувајќи за Благовештение Светите отци толкуваат дека е испратен архангел со такво име што ќе означи кој и каков ќе биде оној што ќе се роди од Пречистата Дева.

Некои дознаа дека истиот тој Гаврил им го јави на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија и дека тој го поучуваше Мојсеј во пустината како да ја напише книгата Битие.

Светите отци мислат дека Гаврил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат поблиску до Бога. Тој е значи еден од седумте серафими најблиски до Бога.

Тропар

Архистратигу на небесните војски, ти се молиме секогаш нас недостојните, со твоите молитви да нe запазиш под закрилата на твојата невештествена слава. Чувај нe нас кои пред тебе притекнуваме усрдно и повикуваме: Од опасностите избави нe како чиноначалник на вишните сили.

Кондак

На пресветлата и чесна, сетворечка, неизмерна и страшна Троица, ти си служител, славен архистратиже и молитвениче, и сега непрестајно моли се да се избавиме од секакви неволји и маки, за да ти повикуваме: Радувај се, заштитнику на твоите слуги. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука