ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Рибар во албанскиот дел на Охридското Езеро улови коран тежок 13,2 килограми

Охрид, 21. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека рибар во албанскиот дел на Охридското Езеро улови коран тежок 13,2 килограми е помеѓу најкоментираните на нашиот Facebook профилот на OhridPress.

Рибарот Ylli Jaçellari во албанскиот дел на Охридското Езеро успеа да улови пастрмка – коран тежок 13,2 килограми. Тој е 45-годишен лиценциран риболовец од Уденишт, кој од езерските води извлече коран тежок 13 килограми и 200 грама, што според објавата на Explore Pogradec Albania е најголемата ваква риба уловена од овој дел на езерото.

– Запрашан дали треба повторно да го пушти во езерото, рибарот вели дека според него и старите рибари, риби со оваа големина не се враќаат, затоа што по некое време секако би умреле природно, објавија од ОпштинаПоградец.

Читателите на OhridPress потенцираат дека, според нив, станува збор за двојни аршини и дека е нелогично на езерото, кое е поделено помеѓу Република Македонија и Албанија, од наша страна да е забранет ловот и скоро и да нема порибување, додека од албанска страна се лови и се служи без проблем во хотелите и рестораните. Дел од читателите потсетуваат и на несоодветните мрежи кои се користат и кои буквално „чистат“ се’ што ќе дофатат, без оглед на големината на рибата. Охридското Езеро од 2019 година до денес нема извршено порибување на охридска пастрмка. Контролата и заштитата на езерото практично и да не се спроведува, а од друга страна немаме ни концесионер ниту за рекреативен ниту за стопански риболов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука