Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

ЗРР СК „Св. Апостол Петар“ наскоро ќе организира Куп во спортски риболов во дисциплината пливка

Охрид, 13. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на рекреативни риболовци Спортски клуб „Св. Апостол Петар“ од Охрид, организира Куп во спортски риболов во дисциплината пливка, „Охрид 2024“.

Натпреварот ќе се одржи на Охридското Езеро, на 26-ти мај.

– Право на учество имаат сите здруженија на риболовци и риболовни клубови од Македонија, со по една екипа. Екипите да бидат составени од 3 натпреварувачи и капитен на екипата. Во екипите покрај сениори учество можат да земат и ветерани, помлади сениори (У25) и јуниори (У20). Активни се следните видови риба: плашица(белвица), вардарка(гомнушка), грунец, моранец, клен, црна мрена и други видови на ситна риба. Дозволен е улов на сите видови на риба без ограничување на големината. Дозволена е употреба на прибор по слободен избор. Задолжителна е употреба на чиварка за чувување на уловената риба во жива состојба. Пријавувањето за учество на Купот најдоцна до четврток 23-ти мај на телефоните: Петар Булески, претседател, 078/318-499 и Димче Мајковски, потпредседател, 075-717-805, информираат од клубот.

Патеката ќе биде на Охридското Езеро, на плажата Акапулко (помеѓу хотел Метропол и Лагадин). Резевна варијанта е Кеј Македонија.

Додаваат дека натпреварот ќе се одржи согласно Правилникот за организирање на натпревари во спортски риболов во Република Македонија и Правилата за натпревари во дисциплината „пливка“.

За трите првопласирани екипи се доделува пехар со диплома и соодветни медали за натпреварувачите и капитените, а за победникот на Купот преоден пехар. Во поединечна конкуренција, за првите три натпреварувачи соодветен медал со диплома и награди во риболовна опрема. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука