Забава Избор

Вечерва несекојдневен музички перформанс на Miyatta во Филхармонија

Скопје, 15. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во малата сала на Филхармонија, вечерва ќе се случи несекојдневен музички перформанс на нашата кантавторка Miyatta. Концертот е во рамки на петтото издание на Скопски Градски Фестивал, во организација на Баги Комуникации.

Miyatta е уникатна појава на македонската музичка сцена, како со препознатливиот музички израз, така и со оригиналните, театрални сценски настапи. Мијата е кантавтор, создава ангажирани текстови и умешно интегрира различни форми во својата музика. Нејзините настапи се спој на музика и театар за целосно доживување на публиката. Многумина ја споредуваат со Kate Bush, заради нејзините вокални и визуелни интерпретации. Miyatta има издадено два албуми, „Небеска“ и „Вида“ кој се појави оваа година и наидува на одлични реакции кај балканската музичка критика.

– Возбудена сум за претстојниот концерт и повторна средба со публиката. Концертот ќе биде комбинација на песни од двата мои албума во една акустична и бохо-атмосфера, која ќе ѝ направи на публиката да се чувствува како дома. Секогаш тргнувам од помислата што би сакала јас да видам, да чујам, да доживеам… Но најважно од се ми е да ја задржам автентичноста, вели Miyatta.

На концертот публиката ќе има можност да ги види и гостите: Нина Јанева, Мухамед Ибрахими, Александар Пешевски, Теодора Гошева Капсарова, Никола Стојмановиќ, Гоце Вангеловски и уште неколку изненадувања кои организаторите не сакаат да ги откријат.

– Ова е мал но значаен јубилеј за нашиот фестивал. Исто како и претходните години и оваа фокусот го ставаме на домашните изведувачи. Сметаме дека негувањето и поддршката на домашната сцена е суштинска во овие времиња на голем наплив на музика со сомнителен квалитет. Соработката со Miyatta е нешто на што работевме изминатата година, таа е исклучителен професионалец и голем креативец, велат организаторите Баги Комуникации.

Miyatta деновиве е актуелна и со соработката со македонската музичка атракција Brass Brothers на нивната најнова песна „I Wanted More“ каде таа е текстописец и вокал.

Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, понуди возбудлива и исклучително квалитетна програма во организација на „Баги Комуникации“, со три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај. Фестивалот беше отворен на 7-ми мај во камерната сала на Филхармонија, каде настапија гитарското дуо „Роџерс и Харисон“ и битолската група „Код 369“. Втората фестивалска вечер се одржа на 9-ти мај во Младинскиот културен центар во Скопје. На програмата беа три концерти, на групата „Бла-бла-бла“, Мухамед Ибрахими и средношколскиот бенд „3rd Brigade“, со ученици од „American High School“ Скопје, како и изложба на авантгардни колажи од уметницата Марга Рита. Со концертот на Miyatta на 15-ти мај ќе биде затворено ова издание на фестивалот. Концертот ќе започне во 20:00 часот, а билетите по цена од 800 денари можат да се набават преку www.bileti.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука