Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Забележителен успех за студенти од ФТУ Охрид на XI гастрономско-туристички фестивал во Ниш

Охрид, 20. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Група студенти од студиската програма по гастрономија при Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) Охрид, во периодот од 16-ти до 19-ти мај 2024 година, предводени од доц. д-р Климент Наумов, оствари забележителен успех на XI гастрономско-туристички фестивал во Ниш, Република Србија во конкуренција од над 20 образовни институции од Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Романија и Грција.

Станува збор за традиционална гастрономска манифестација од меѓународен натпреварувачки карактер. Настанот е во организација на Здружението на угостителски и туристички работници „Зоран Мирашевиќ“ од Ниш.

– Пропозициите на натпреварот се состоеа во подготовка на рибна чорба и рибен паприкаш. Нашиот тим во состав Иво Колески, Благојче Сугарески и Влатко Спасевски, сите од II година на студиската програма по гастрономија, учествуваше во сениорска категорија во подготовка на специјалитети од месо и риба на модерен начин, подготовка на национално јадење во котел на оган и во подготовка на традиционални национални специјалитети. Во голема конкуренција се закитија со златни медали за подготовката на специјалитетите и соодветно беа наградени со златни и сребрени медали и дипломи, како и пехар за освоено прво место во соодветните категории, информираат од ФТУ Охрид.

Додаваат дека специфичноста на натпреварот се состоеше во тоа што специјалитетите се подготвуваа во посебни боксови опремени со мијалници, работни маси, рингли и печки. Особена атракција беше подготовката на специјалитети во котел на оган, користејќи котлиња обесени на троножен статив.

– Студентот Иво Колески се закити со сребрен медал и диплома за подготовката на модерно јадење (телешки котлет со аспарагус и демиглас сос). Студентот Благојче Сугарески се закити со сребрен медал и диплома во категоријата модерни спецјалитети и подготви свинско каре во су вид послужено со турниран морков и компир и путер сос. Студентите Влатко Спасевски, Благојче Сугарески и Иво Колески тимски подготвија гулаш во котел на оган и за специјалитетот добија сребрени медали и дипломи. Во категоријата традиционални-национални специјалитети истиот тим студенти подготви турли-тава, селско месо, тавче-гравче, традиционална салата со домати и сирење, охридско макало, ајвар, пинџур и леб од кисело тесто. Здружението на угостителски и туристички работници Зоран Мирашевиќ од Ниш, го награди ФТУ Охрид со златна диплома во двете категории за екипно учество. Претседателот на здружението Анчица Димитријевиќ, му врачи благодарница за особен придонес во развојот на гастрономијата, угостителството и туризмот на д-р Климент Наумов. Тој беше удостоен со голема чест да биде дел од претседателството на судискиот одбор заедно со познатиот Стево Карапанџа и Смилјан Стојаниќ, потенцираат од ФТУ Охрид.

Во текот на гастрономскиот настан биле остварени средби со официјални претставници од образовните институции од областа на угостителството и туризмот ширум Србија, Хрватска, Словенија и Романија во насока на соработка за евентуални проекти, како и запишување на студенти од Србија и регионот на охридскиот факултет, потенцирајќи ги адутите што ги нудат нашите универзитетски дипломи во областите на гастрономијата, угостителството и туризмот.

– Во престојниот период студентите кои активно учествуваат на теоретските и практичните предавања по предметите: Основи на готварство, Национална кујна, Техники на послужување и Кетеринг на ФТУ Охрид ќе имаат можност да учествуваат и на други значајни гастрономски манифестации. По враќањето на екипата во Охрид, деканката на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, проф. д-р Снежана Дичевска ги прими студентите заедно со професорот во својот кабинет и им честита за постигнатиот успех, информираат од ФТУ Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ФТУ Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука