Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Свети апостол Симон Зилот

Охрид, 23. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат споменот на Свети апостол Симон Зилот.

Еден од дванаесетте (големи) апостоли. Беше родум од Кана Галилејска. На свадба му дојде Господ Исус со мајка му и со учениците. Кога снема вино, Господ претвори вода во вино. Кога го виде ова, младоженецот ги остави домот, родителите и невестата, па тргна по Христа. Зилот значи Ревнител. А Симон е наречен ревнител заради неговата голема и огнена ревност кон Спасителот и кон Неговото Евангелие.

Кога Го прими Светиот Дух, Симон отиде да го проповеда Евангелието во Мавританија во Африка. Откако успеа мнозина да ги обрати во верата Христова, беше мачен и најпосле распнат на крст како неговиот Господ, Којшто му приготви венец на слава во бесмртното царство.

Тропар

Надминувајќи ја плотската зависност, нозете Спасителеви ги прегрна, и по стапките Негови поита, о Симоне, велики ревнителу, Христов ученику, не само што чашата Негова ја испи, туку докрај и Крстот го вкуси, о учителе на трпението, моли се сега за нас пред Христа Бога, од престолот на дванаесетмината, за и ние да го пречекаме Женикот, со палмови гранчиња и избелена одора. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука